Дојде и тој ден! Не, не денот за поаѓање на одмор, туку денот за пакување. O, па тоа е истиот ден, а? Ни се случува на сите, не се секирај. Во неколку куси чекори твојот пријател ќе те направи профи пакувач. Читај и учи. За оние мрзливите – скок на нашето видео на истата тема.
Големи се шансите дека си начекал евтини карти за лет пред неколку месеци. А уште поголеми се шансите дека оние три димензии изразени во сантиметри во делот за багаж не ти значеле ништо додека не го стави куферот пред себе. Еј, па ова било мало?! Мало, но доволно, со вистинскиот пријател за пакување!
(п.с. и да не леташ, екстра место во багажот секогаш е добредојдено)
Врзете се, полетуваме!
- ШТО ДА ЗЕМАМ ОД ОБЛЕКА?! Ноќната мора на секој пакувач. Сакаш различна гардероба за сите пригоди (од кои половина нема ни да се случат) и ако земеш сѐ што си намислил ќе ти треба куфер со големина на брако приколица. Не така! Извади ги сите прачиња за кои мислиш дека ќе ти требаат на одморот. Од нив издвои ги парчињата кои се комбинираат со најголем број други парчиња, а сѐ останато врати во плакарот. Ако не стигна до 50% вратени парчиња, продолжи да кратиш. Преслушај се дали ги покриваш сите пригоди со издвоените парчиња.
- Доколку имаш куфер во кој има шипки од рачките во долниот дел, а до нив има пристап преку патент (најголемиот дел понови куфери се такви), пополни ги празните места со работи како долен веш, купаќи, пешкири и слично, за да се искористи и тој простор.
- За да заштедиш уште место во куферот, а воедно за алиштата што помалку да се згужваат, наместо класично диплење, свиткај ги во тутурутки. Така ќе останат помалку празнини во куферот и помалку рабови на алиштата.
- Машките кошули, поточно крагните на нив се мошне осетливи на гужвање. Твојот пријател има финта и за тоа. Свиткај го каишот и стави го во крагната. Никогаш немаше да ти текне. Никогаш.
- Искористи ги чевлите и патиките за во нив да ги ставиш чорапи, на тој начин ем ќе заштедиш место, ем обувките нема да бидат изложени на виткање во куферот.
- Каблите од електронските уреди, полначите и слушалките стави ги во празна кутија од наочари. Така ќе бидат на едно место и нема да се плеткаат насекаде.
- Од стварите што регуларно ти стојат во несесерот, речиси од секоја можеш да најдеш мини варијанта – мини паста за заби, мини парфем, стик, креми, сапунчиња. Мини четка за заби. Добро, четка не ама смешно е. Поентата е – мини препаратчиња, мини несесерче. Ете уште повеќе слободен простор.
Многу порелаксирано нели? За секој случај, за оние паничарите, направивме и чек-листа која може да си ја испечатат и да се раководат по неа. Печати, пакувај, штиклирај. И се разбира, убав одмоооор!