Обрасците ПП10, ПП30 и ПП50 се инструменти за плаќање се користат исклучиво за извршување на плаќања во рамките на платниот промет во земјата. Тоа значи дека овие обрасци може да се користат за извршување на плаќања или трансакции во единствено во локалната валута – денари.

Платните инструменти имаат точно определена и пропишана форма и содржина согласно Упатството за формата и содржината на платните инструменти за вршење на платен промет во земјата. Секој платен инструмент задолжително го содржи називот (името) на платниот инструмент во горниот десен агол и бројот на образецот во долниот десен агол. На платните инструменти се впишуваат податоци кои се неопходни за реализација на финансиските трансакции помеѓу учесниците во платниот промет. Тие податоци се впишуваат во точно определени полиња на инструментите и се нарекуваат елементи на платните инструменти. Тие се впишуваат со алфанумерички и нумерички знаци. Пополнувањето на платните инструменти треба да се врши на македонски јазик со кирилично писмо и со печатни букви.

Образецот ПП10 (уплатница) претставува налог за уплата во готово, односно истиот се користи единствено за извршување на готовински уплати во денари. Уплатницата е инструмент кој во платниот промет го користат правните лица, физичките лица кои вршат регистрирана дејност и други физички лица. Со добивањето на овој платен инструмент, банката од уплатувачот – налогодавач добива соодветен износ парични средства во готово кои треба да ги уплати во корист на сметката на примачот на средства по разни основи.

Образецот ПП30 (налог за пренос) претставува налог за безготовински пренос на средства, односно истиот се кориси за извршување на пренос на денарски средства на терет на една, а во корист на друга трансакциска сметка.

Образецот ПП50 (налог за плаќање на јавни приходи) се користи исклучиво за плаќање на обврските по основ на јавни приходи од страна на правните и физичките лица. Со овој инструмент се плаќаат сите видови даноци, придонеси, царини, акцизи и сл. Правните и физичките лица го вршат плаќањето од своите трансакциски сметки. Доколку плаќањето кај физичките лица се врши во готови пари, во елементот „сметка“ се впишуваат две ѕвездички (**).

Подготви: Шпаркасе Банка Македонија