Патувањето со автомобил до летната дестинација за одмор за некого е најзабавиот, а за некого најдосадниот дел од патувањето. Без разлика дали си од оние што прават караоке во автомобилот и спремаат по еден сендвич за секои 20 километри иако застануваат на Стража или едвај чекаш да стигнеш до посакуваната дестинација, па не трпиш застанување ни за во тоалет, мошне е важно патувањето да го испланираш добро. Твојот пријател е тука да ти помогне во тоа.
Совети за проверка на автомобилот
Колку подолг пат те чека, толку потемелна подготовка е неопходна. Нормално, најмногу во тоа може да ти помогне носењето на автомобилот на сервис, но и твојот увид е подеднакво важен. Тоа значи да реагираш навремено на сите чудни звуци, да го оддржуваш автомобилот соодветно и да ги проверуваш сите важни параметри кои можеш да ги провериш сам.
- Пред самото патување провери ги гумите на возилото, заедно со резервната. Провери го притисокот во гумите со помош на компресорите на некоја од бензинските пумпи и прилагоди го според пропишаното на самата гума. Додади или испушти воздух доколку е потребно. Мошне е битно самите гуми да не се премногу користени и оштетени. Кога ги проверуваш гумите, провери и дали алатот за нивно менување е комплетен и на место. Доколку не ти е познат процесот на менување, ѕирни го нашето видео-упатство.
- Провери ги течностите во возилото. Маслото, течноста за кочниците, течноста во ладилникот, течноста за бришачите. Понеси резерва од сите овие течности.
- Провери ги бришачите. Испитај ја површината која проаѓа по ветробранското стакло и доколку е потребно промени ги бришачите.
- Провери ја целокупната светлосна сигнализација – фаровите, стоп-светлата, трепкачите.
- Резервниот клуч од автомобилот остави го кај личноста која наједноставно ќе ти го достави доколку се случи да ги загубиш клучевите или ги заклучиш во автомобилот.
- Запознај ги пријателите и семејството со планот на патувањето, за да имаат увид во планираната временската линија и да се подготвени да реагираат во итни случи.
- Провери ја временската прогноза, како за деновите и местото каде ќе го минете одморот, така и за местата низ кои минува патот. Подготви се за патот соодветно на предвидените временски услови.
- Понеси одредна залиха на храна и течност. Во непланирани случаи, како што се застои во сообраќајот, проблеми со автомобилот и слично, залихите на храна и течности можат да ти бидат од голема важност.
- Задолжително набави прибор за медицинска помош ако немаш, а ако имаш провери ја неговата содржина, и ако е потребно обнови ја.
- Обезбеди полначи за мобилните телефони за во кола.
- Имај барем нешто од основниот алат заедно со електрични светилки, а по можност и резервни батерии.
- Навигациска помош – дури и кога имаш GPS уред во автомобилот, или на мобилниот телефон, земи си и обична мапа за секој случај. Искористи го интернетот да се запознаеш со етапите на патувањето и условите на патот.
- Провери ги уште еднаш потребните документи за возилото – возачка, сообраќајна, а ако патуваш во странство задолжително Зелен картон, како и дозвола за управување туѓо моторно возило во странство ако автомобилот не е на твое име.
Со преземање на сите наведени активности, ќе го намалиш потенцијалниот ризик од непредвидени ситуации. Целата процедура на проверка нема да ти одземе многу време, а нејзиното спроведување може да ти помогне да надминеш голем број непријатности.
Во текот на патувањето
- Патниците задолжително треба да бидат врзани со сигурносни појаси. Малата некомфорност во текот на патувањето, не е ништо во споредба со сигурноста која ја дава појасот.
- Прави редовни паузи за одмор и физиолошки потреби. Не вози повеќе од 3-4 часа без пауза, колку и да се чувствуваш одморено.
- Менувај се со останатите возачи во автомобилот. На премногу долги и напорни возења, препушти го воланот на оној кој е најподготвен за возење во моментот.
- Не чекај горивото да дојде на резерва за да почнеш да ја бараш следната бензиска пумпа.
- Имај при рака очила за сонце. Намалената видливост е еден од најголемите проблеми за секој возач.
- Избери соодветна музика за пат. Музиката има голема улога за вашето расположение, кое пак има влијание врз вашите моментални возачки способности.
Се надеваме дека ти помогнавме со овие кратки и лесно применливи совети. Сподели ги со сите оние на кои сметаш дека ќе им помогнат и имај убаво и мирно патување!