Сите ние добро знаеме дека за патување со возилото надвор од државата ни е неопходен Зелен картон. Зелениот картон е всушност гаранција дека возилото е осигурено и дека во случај на причинета или претрпена штета, постои основа штетата да биде надоместена од осигурителна копанија. Но, нашиот интерес најчесто завршува тука, и ретко кој ја знае процедурата на постапување во случај на сообраќајна незгода во странство.

Мој Пријател за тебе подготви листа со насоки по кои треба да се раководиш во ваква ситуација, со цел да бидеш сигурен дека ќе ги оствариш своите права и обврски и нема да се изложиш на дополнителен трошок.

  1. Погрижи се за евентуалните повредени.
  2. Обезбеди го местото на незгодата со сигнализација и не ги поместувајте возилата. Доколку постојат услови направи фотографии од возилата.
  3. Повикај полиција и по извршениот увид побарај копија од полициски извештај – записник.
  4. Доколку НЕ СИ ВИНОВЕН за незгодата потребно е да ја пријавиш штетата во Бирото за зелена карта на земјата во која се случила незгодата. На позадината на зелената карта можеш да ги најдеш телефоните на Бироата за зелена карта на сите земји. По враќањето во Р. Македонија извести ја твојата осигурителна компанија за незгодата.
  5. Доколку СИ ВИНОВЕН за незгодата, треба да му дадеш копија од зелената карта на оштетениот или на полицијата која врши увид. По враќањето во Р. Македонија задолжително ја известуваш компанијата која го издала Зелениот Картон, и даваш писмена изјава во која објективно ќе го опишеш начинот на кој дошло до незгодата.

За помош при пријавување на штетата и остварување на правото на надомест, во одредени земји можеш да се обратиш и во осигурителните компании со кои твојата осигурителна компанија има склучено коресподентски договор. Доколку имаш проблеми при целокупната процедура, јави се во твојата осигурителна компанија и побарај упатство како да постапиш.

За секој случај, ти подготвивме и верзија за печатење од ова упатство која можеш да ја преземеш тука и да ја имаш секогаш со себе во автомобилот.

Среќен пат и безбедно патување ти посакува Мој Пријател!