Високите температури во летниот период го прават користењето на клима уредите наша потреба, а не луксуз. Од канцелариите, до автомобилите и нашите домови, речиси секогаш сме во затворен климатизиран простор. Но дали знаете дека без оглед колку е пријатно кога сте „под клима“ цел ден и ноќ, ова може да има и несакани ефекти кои му штетат на здравјето.
Најголемите здравствени проблеми кои ги предизвикува употребата на климатизери се следниве:
Постојан замор, главоболки и респираторни проблеми
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои работат во климатизирани простории може да доживеат хронични главоболки и замор поради дехидрираност. Оние кои работат во згради во кои постојано циркулира ладен воздух, исто така може да се соочат со постојана иритација на слузницата и тешкотии во дишењето што ве прави подложни на настинка, грип и други болести.
Кога сте заглавени во сообраќај на жежок ден, клима уредите во автомобилите може да бидат од голема корист, но внимавајте – штетните микроорганизми кои циркулираат кога климата е вклучена може да предизвикаат проблеми со дишењето.
Суви очи и кожа
Долгите часови поминати во климатизиран простор може да ги влошат симптомите на суви очи со тоа што ќе почувствувате чешање и иритација, а исто така и вашата кожа ќе почне да се суши.
Затоа пијте многу течности, редовно хидрирајте се и избегнувајте долг престој под клима.
Зголемување на ефектите на хроничните болести
Централните климатизери се познати по тоа што ги зголемуваат симптомите на хроничните болести, како што се низок крвен притисок, артритис и невритис, а со тоа справувањето со болка станува уште потешко. Исто така може да се влоши и состојбата на оние кои страдаат од астма или алергии, а можни е појава и на болести од воздух, како што е Легионерската болест – потенцијално фатално заразна болест која предизвикува висока температура и пневмонија.
Покрај сите овие несакани ефекти, доколку поминувате подолго време во климатизирана просторија може да почувствувате и летаргија и слабост. Затоа потрудете се што почесто да излегувате на чист воздух, исклучете ја климата кога можете и заштитете го вашето здравје.