Вежбањето е добро, не само за одржување на формата, туку и за целокупното здравје, меѓутоа, не е лесно после 8 часовно заглавување во канцеларија да се вежба, затоа што или сте исцрпени, или имате други обврски да се завршат.
Токму затоа, во соработка со фитнес инструкторот Александар Смилков од Empire State Building Fitness Centre од Скопје, ви подготвивме канцелариски вежби кои се одличен начин да го задржите вашето тело исправено на работното место. Овие потези се препорачуваат за истегнување и зајакнување на телото, сите од удобноста на канцеларискиот стол. Вежбите не се замена за традиционалната обука во фитнес центар, но се добар начин за циркулација на крвта, ако не можете да се тргнете од вашето биро.

  1. Седнете на столчето со прав грб, нозете да бидат поставени под 90 степени, а стапалата да бидат залепени на подот. Со прстите од рацете допрете ги рамената и ротирајте наназад во круг. Обидете се да направите 40 ротирања.
  2. Седнете на столче со прав грб и пробајте во една точка да ги кревате колената што побрзо. Направете интервал од 45 секунди.
  3. Седнете на столчето со исправен грб, нозете стабилно да го допираат подот. Земете едно шише со вода и кренете го со рацете над главата. Кога рацете ќе бидат до ушите  свиткајте ги лактите и  спуштајте го шишето позади глава.  Направете три серии со 12 повторувања.

Покрај овие вежби, можете да останете активни на работа и со неколку трикови. Користете ги скалите наместо лифтот, паркирајте се подалеку од канцеларијата за да пропешачите, или шетајте околу зградата кога можете. Ова е добар старт за раздвижување и циркулација на крвта.