Еден од најлесните начини да се спречат милиони случаи на рак на кожа е употребата на лосион за сончање. Но сепак многумина забораваат на него. Последните истражувања покажуваат дека само 14% од американските мажи и 30% од американските жени редовно ставаат лосион за сончање на лицето и телото пред да излезат надвор на повеќе од еден час.

Значи, што треба да знаете за заштита на вашата кожа од сонцето? Еве 10 совети кои треба да ги имате на ум летово.

  1. Употребувајте лосион за сончање секој ден, дури и ако е облачно.
  2. Намачкајте се со лосионот 15 до 30 минути пред да излезете надвор. Задолжително користете и балсам за усни кој содржи заштитен фактор.
  3. Изберете лосион за сончање што штити од УВА и УВБ зрачењето. Проверете дали е водоотпорен и има заштитен фактор 30 или повисок. Другите средства за заштита од сонце може да ви помогнат да не изгорите, но тие не штитат од рак на кожата.
  4. Ставајте од лосионот секои 2 часа, а доколку пливате или се потите, секој час.
  5. Бидете внимателни околу водата и песокот. Овие површини ги одбиваат штетните зраци на сонцето, што може да ги зголеми шансите за изгореници од сонце.
  6. Чувајте ги бебињата помали од 6 месеци целосно покриени и во сенка.
  7. Не се изложувајте на сонце меѓу 10 и 16 часот затоа што тогаш сончевите зраци се најинтензивни. Вежбајте го правилото на сенката: ако вашата сенка е пократка од вас, сончевите зраци се најсилни и треба да се засолните под сенка.
  8. Доколку е можно, носете кошула со долги ракави и долги панталони. Темната облека со цврсто ткаен материјал блокира повеќе сонце отколку бела облека или лабаво ткаен материјал. За дополнителна заштита, побарајте облека направена со специјални материјали за заштита од сонце.
  9. Носете шапка што ги засенува лицето, вратот и ушите и очила за сонце. Очилата за сонце со леќи кои имаат 99% до 100% УВ апсорпција обезбедуваат оптимална заштита за очите и кожата околу нив.
  10. Бидете уште попретпазливи ако земате лекови кои може да ве направат посензитивни на сонцето. Тие вклучуваат специфични видови на антибиотици, антиинфламаторни, антифунгални средства, лекови за крвен притисок и хемотерапии.