Во овој текст издвоивме дел од советите на Хелен, една од најпознатите блогерки која долги години патува низ целиот свет во сопствен аранжман и на својот блог споделува интересни приказни и корисни совети.
„Сум направила многу грешки на моите патувања, кои ме чинеле време, пари, енергија и добри спомени. Сум била измамена, па дури и ограбена, се имам изгубено повеќе пати одошто можам да избројам, сум била сведок на цунами. Листата на патни неприлики што ми се случиле е огромна, но токму од нив научив најмногу како да патувам посигурно и со повеќе уживање, и сега сакам да ги споделам моите најважни совети за патување со вас“ – вели Хелен во својот блог-пост со кој одбележува 5 години непрекинато патување.
- Користи “incognito window” во пребарувачот кога правиш резервација преку интернет
- Имај некодиран мобилен телефон
- Скенирај ги најважните документи и испрати си ги на мејл
- Пиј повеќе вода
- Мекдоналдс и Старбакс секогаш имаат отворен Wi-Fi
- Опцијата за камера на Google Translate е мошне корисна алатка
- Не мораш секогаш да му даваш предност на најудобното пред она што навистина сакаш да го носиш
- Информирај се за локалните обичаи во земјата
- Полни ги електронските уреди секогаш кога можеш
- Најди ги најдобрите места преку инстаграм
- Патничкото осигурување е најважно
- Биди подготвен и за непријатни работи и не ги губи нервите кога ќе се случат
„Лично сум видела како цените за резервација на лет или хотел постепено растат со секое нивно пребарување, а кога ќе пребарам во инкогнито прозорец тие се на истото ниво од првото пребарување.” Овој прозор се отвора со притискање Ctrl+Shift+N или P во пребарувачот (н.з.).
„Најголемиот дел од мобилните земени на договор се врзани со конкретен оператор. Со некодиран мобилен ќе имаш можност да користиш локални картички а со тоа и локален интернет и да имаш пристап до корисни апликации како што се Мапите на Гугл.“
„Скенирај ги или сликај ги пасошот, визите, картичките со кои патуваш и испрати си ги на мејл. Во случај на губење или кражба, тоа ќе ти помогне да го докажеш својот идентитет и побрзо да ги започнеш процедурите за вадење нови“.
„Ако поминуваш поголем дел од времето во пешачење и прошетки или ако патуваш низ жешки и влажни земји, добри се шансите дека најчесто не си доволно хидриран.“
„Ако ти е неопходен интернет за да ги провериш мејловите, да пронајдеш насоки или да контактираш со најблиските, сигурно место каде што ќе најдеш интернет е Мекдоналдс или Старбакс, а овие две франшизи ги има секаде.“ [речиси, н.з.]
„Симни ја апликацијата пред да тргнеш и користи ја камерата за превод на менија, знаци, постери и се останато што треба да го прочиташ. Само притисни ја иконата за камера, насочи го телефонот кон текстот и апликацијата ќе го преведе. Ова е мошне корисно секаде каде што нема присуство на англиски превод.“
„Да, гардеробата што ја носиме на патувањата и прошетките низ туристичките места по правило е удобна, но не секогаш е онаа во која чувствуваш најголема самодоверба и во која сакаш да се гледаш на фотографиите.“
“Не сакаш да навредиш некого додека си во неговата земја, па затоа провери што се смета за навредливо. На пример, во Тајланд жените не смеат да ги допираат монасите, навредливо е да ги галите децата по глава и не треба да додавате ништо со десната рака, дури ни пари кога плаќате.“
„Секогаш кога ќе начекаш слободен штекер, стави ги полначите. Кога ќе снемаш батерија ќе ти биде мака што не си го сторил тоа кај последниот слободен штекер. Добра идеја е и носење преносна батерија (power bank).”
„Заследи ги локалните инстаграмџии за да ги дознаеш местата кои можеби не се на „must see” листата, а се мошне популарни и актуелни кај населението.“
„На моите патувања запознав луѓе кои се повредиле или имале потреба од медицинска помош и тоа ги чинело илјадници долари. Исфрли ја од глава мислата дека тоа никогаш нема да ти се случи на тебе, бидејќи и овие луѓе го мислеле тоа. Ако имаш само една работа да направиш пред тргнување, тоа нека биде вадење патничко осигурување.“
„Колку и да планираш детално, секогаш има шанси да се случи нешто непредвидено. Кој се вратил од патување без некава случка? Во такви случаи нервозата, ароганцијата и бесот најчесто не се од помош. Останете смирени и размислувајте за решенија.“