Во кои ситуации и на кој начин се користи европскиот извештај. Дали да повикате полиција или да пополните европски извештај. Како се пополнува и каде се носи.

Од воведувањето на Европскиот извештај како постапка за утврдување на околностите во сообраќајна незгода помина подолг период и веќе најголемиот дел од граѓаните се запознаени дека можат да го искористат во одредени случаи. Сепак, во пракса многу често се случува учесниците во сообраќајната незгода да имаат одредени нејаснотии околу Европскиот извештај. Најчестите прашања кои се јавуваат во праксата се следниве:

  • Во кои случаи да повикам полиција, а во кои да пополниме Европски Извештај?
  • На кој начин се пополнува извештајот и што после пополнувањето?
  • Како да бидам сигурен дека со потпишувањето нема да преземам дополнителна вина и да си направам поголема штета?

Мој Пријател ќе се обиде на најјасен и наједноставен начин да ти ги објасни сите процедури и правила што треба да ги знаеш во случај на сообраќајна незгода, поврзани со Европскиот извештај.

Кога се користи Европскиот извештај, а кога се вика полиција

ПОЛИЦИЈА СЕ ПОВИКУВА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ВО СЛЕДНИТЕ СЛУЧАИ

  1. Кога има повредени или загинати лица. Во тој случај веднаш повикајте и брза помош на тел. 194.
  2. Кога едно од возилата кои учествувале во сообраќајната е возило со странски регистерски таблички.
  3. Кога еден од учесниците во сообраќајната незгода управувал нерегистрирано возило, односно нема важечка полиса за осигурување (проверете го датумот на регистрација на задната страна на сообраќајната и датумот на важење на полисата).
  4. Кога еден од учесниците во незгодата е под дејство на алкохол или наркотични средства.
  5. Кога еден од учесниците не поседува соодветна валидна возачка дозвола за возилото кое го управувал.
  6. Кога возилото не е во возна состојба и кога се оштетени виталните делови од возилото (систем за управување, систем за сопирање, систем за потпирање).
  7. Кога учесниците во сообраќајната незгода не се согласуваат околу околностите под кои е настаната незгодата.

Кога не станува збор за ниту еден од горенаведените случаи и кога возилото е во возна состојба, можете да пристапите кон пополнување на Европскиот извештај. Ако утврдите дека макар еден од овие случаи е исполнет, задолжително повикајте полиција.

Како се пополнува Европскиот извештај

  1. Предуслов за пополнување на извештајот е двајцата учесници да се согласуваат околу околностите под кои настанала незгодата, бидејќи Европски извештај се пополнува заеднички од страна на двајцата учесници. Самиот Европски извештај има 2 индиго листа, така што пополнувате на еден Европски извештај а потоа си земате по 1 лист. (Доколку има 3 учесници во сообраќајката, причинителот пополнува поединечни Европски извештаи со секој од останатите двајца учесници)
  2. Европскиот извештај е едноставен за пополнување, само одете по ред и внимателно следете го упатството на самиот лист.
  3. Извештајот се пополнува со точни податоци и се потпишува од двајцата учесници. За утврдување на точноста на податоците проверете ги документите на другиот учесник – сообраќајна, возачка, полиса за осигурување од автомобилска одговорност. Видете дали пополнетото во Европскиот извештај се согласува со податоците во документите.
  4. Доколку има сведоци, запишете ги нивните имиња и презимиња, адресата и податоци за контакт.

Што по поплнувањето на извештајот – пријава на штетата

  1. Двајцата учесници, со возилата кои учествувале во сообраќајката и со пополнетиот Европски извештај, доаѓаат лично во осигурителната компанија во која е осигурен причинителот на незгодата да ја пријават штетата.
  2. Пожелно е штетата да се пријави веднаш или најдоцна во рок од 3 дена од случувањето на незгодата.
  3. До моментот на процената на штетата и реконструкцијата на настанот кои ги прави осигурителната компанија во моментот на пријава на штетата, немојте да менувате и поправате ништо на оштетеното возило.

Доколку во било кој момент не сте сигурни дека постапувате правилно во врска со Европскиот извештај, бидете слободни да му се јавите на агентот кој ви ја издал полисата и да се консултирате со него за сите недоумици што ги имате.

Се надеваме дека со овие совети ви ја разјаснивме процедурата поврзана со Европскиот извештај. Ако е така, споделете ги со своите блиски и пријатели, за и тие да знаат како да постапуваат во случај на сообраќајна незгода.