Додека го чекаме првиот обилен снег на Шапка и Маврово и ги броиме продолжените викенди кои би можеле да ги искористиме за скијање во Банско, Боровец или на Копаоник, (потпрашувајќи љубопитно и за актуелната Брезовица), често знаеме да залутаме со мечтите кон поголемите европски скијалишта на грандиозните Алпи.
Иако скијањето на Алпите кај нас важи за привилегија којa не може секој да си ја дозволи, сепак, сѐ повеќе наши сограѓани можат да се пофалат дека скијале во некое од големите скијалишта во Франција, Швајцарија, Италија и Австрија.
За овој тренд заслужни се неколку фактори, но најважниот меѓу нив е секако доброто планирање на ски-патувањето врз основа на сѐ подостапните информации и услуги на интернет, со што се намалува цената и истото станува многу подостапно.
Во овој текст ќе се обидеме да ги издвоиме за вас најважните работи, кои треба да ви помогнат сами во рамки на буџетот да го пронајдете вашето идеално ски-патување.
Сопствена режија или организирано патување преку туристичка агенција?
Првото нешто што треба да го решите е дали сами ќе го организирате патувањето или планирате да одите во агенциски аранжман.
Патувањето во сопствена режија, со добро планирање, може да биде прилично подостапно бидејќи ги избегнувате агенциските провизии, можете да начекате големи промоции на билетите за патување и имате многу поголем избор и слобода при резервацијата на сместувањето.
Од друга страна, агенциското патување нуди поголема сигурност и ќе ви заштеди многу време и енергија.
Патување со Агенција
Како да ја одберете најдобрата агенција?
Постојат многу туристички агенции кои нудат ски-аранжмани последниве години. Најдобар дел од нив се познати и доверливи. Сепак, тие не се вашиот прв избор за ски-патување ако сте со ограничен буџет.
Наместо класична туристичка агенција, најдобро е патувањето да биде во аранжман на некое од т.н. здруженија на љубители на скијањето кои функционираат како еден вид комбинација на ски-школи и туристички агенции. Предноста на овие здруженија е што секоја година откупуваат илјадници карти и закупуваат огромен број апартмани во најпознатите ски центри на Алпите, поради што добиваат привилегирани цени, мошне пониски од регуларните. Исто така, тие имаат огромно искуство во организирањето на овие тури и се прилично доверливи.
Нaјпознатите вакви здруженија, кои се мошне популарни кај нас се српските здруженија/агенции Ски Бус, Ски Фан и Ски Манијаци, додека во Македонија оваа услуга ја нуди XMKD најчесто преку горенаведените агенции. Поволноста кај нив е што патувањето е од Скопје, додека српските агенции обезбедуваат автобус само доколку има доволен број патници од Скопје, во спротивно морате сами да си го организирате превозот до Белград.
За да можете да ги користите аранжманите на овие агенции најчесто треба да пополните формулар за членство и да платите годишна членарина на здружението од 10 евра, со што добивате пристап до огромниот број тури што ги организираат. Просечните цени за ски тура на Алпите се движат меѓу 350 и 450 евра и вклучуваат превоз, 7 ноќевања во повеќекреветни апартмани и ски карта за 6 дена.
Овие цени се мошне поволни за ски центрите од понудите, бидејќи таму ве чекаат стотици километри врвни скијачки патеки и фантастична инфраструктура, но ќе мора да се помирите со 30-часовното патување со автобус и сместувањето во апартмани кои не се многу комфорни.
Бонус совет: Понудата на овие здруженија треба да ја земете предвид дури и ако се решите за сопствена режија бидејќи постои опција да ги комбинирате обете варијанти – ски картата и сместувањето да ги земете преку агенцијата како поевтини, а сами да го организирате превозот, со што ќе го избегнете 30 часовното патување со автобус.
Патување во сопствена режија
Патувањето во сопствена режија дава поголема слобода и можност да пронајдете супер поволни зделки за патување, сместување и карти. Од друга страна за овој начин на организација на ски патувањето потребен е мошне поголем ангажман и има многу повеќе работи што треба да ги имате предвид. Еве ги поважните од нив.
Кога да се почне со планирање патувањето?
Повеќедневното скијање во странство, најдобро е да се планира барем неколку месеци порано. Колку порано завршите со планирањето, толку порано ќе резервирате сѐ што треба и ќе добиете поповолни цени. Ова е посебно важно за оние кои ќе патуваат во споствена режија, бидејќи на тој начин ќе имаат пристап до поевтини цени при резервација на патувањето и сместувањето. Одредени анализи на цените покажале дека октомври е најоптималниот месец во кој можете најевтино да го резервирате своето ски-патување. Затоа, зимското патување најдобро е да почнете да го планирате со завршувањето на летото, до септември да ги имате сите неопходни информации, а во октомври да ги направите резервациите.
Бонус совет: Планирајќи неколку месеци однапред ќе си оставите простор да искористите некоја од промоциите за сместување и авионски карти која сигурно ќе се појави во меѓувреме. На пример, WizzAir неколку пати во годината има промоција на летовите, па голема е веројатноста дека ќе се појави евтин лет кој ќе може да го искористите.
Кој период од годината е најдобар во поглед на цените?
Важно е да изберете термин кој е надвор од вообичаената сезона. Така ќе платите помалку а ќе добиете речиси идентични услови за скијање како и во екот на сезоната.
Шпицот на сезоната на Алпите е од средината на јануари до средината на март и во овој период аранжманите се мошне поскапи. Тоа значи дека е најдобро да избирате помеѓу крајот на декември/почетокот на јануари и втората половина на март како најповолни термини. Нека не ве плаши квалитетот на снегот во периодот пред и после сезоната бидејќи најголемиот дел скијалишта на Алпите се на висини кои држат снег речиси во текот на целата година, а има и такви кои се наоѓаат на глечери и се отворени за скијање дури и во јуни.
Бонус совет: Имајте предвид дека во март денот е многу поголем отколку во јануари и ќе имате повеќе време за скијање, така што периодот меѓу 10-ти и 20-ти март е можеби најдобриот термин.
Како најоптимално да го организирам превозот?
Во буџет варијанта, еден од најважните критериуми за избор на ски-центарот се конекциите до местото на кое ќе скијате. Проверете кои ски-центри се наоѓаат во близина на аеродромите до кои се стигнува со WizzAir од Скопје(пр. Мемингем е блиску до Гармиш Партенкирхен, Бергамо и Базел до центрите на Француско – Швајцарската граница и сл.) а потоа проверете и каква е конекцијата од аеродромот до местото и колку чини.
Цените на авионските карти во одредени периоди се супер-ниски и може многу да влијаат на крајната цена на аранжманот. Користете ги сајтовите за следење на цените на авионските карти кои имаат можност да ве алармираат во моментот кога цената на посакуваниот лет ќе падне најниско. Најпознатите вакви сајтови се Airfare Watchdog, Sky Scanner, Kayak и други.
Некои од овие сајтови, како Kayak или Rome2Rio, имаат алатки за комплетно планирање на патувањето со кои може точно да ја пресметате цената на превозот до саканата дестинација и да избирате помеѓу повеќе различни комбинации на превоз.
Исто така дефинитивно следете ги цените за летови од Приштина, Солун, Софија и Белград, каде може да се појави некој мошне достапен лет, бидејќи и на овие аеродроми има нискобуџетни компании. Мошне значајна ставка може да биде и превозот на скиите со авион, кои се третираат како спортски багаж за кој се доплаќа, затоа е важно да имате повеќе достапни варијанти за летовите.
Не очекувајте дека брзо и лесно ќе го најдете најдобриот лет. За тоа ќе ви требаат повеќе часови активно пребарување на сите можни комбинации, но сета мака ќе ви се исплати еднаш кога ќе се најдете на ски патеката.
Бонус совет: Ако најдете добра конекција со WizzAir можете да ги искористите и ваучерите од Скопскиот Маратон, кои доколку ги немате можете да ги позајмите од пријател кој нема намера да ги искористи.
Како да го најдам најповолното сместување?
Колку е поголема групата со која планирате да скијате, толку е полесно да дојдете до групни попусти за билетите, како и поевтино сместување во повеќекреветни апартмани. Распрашајте се за други друштва кои планираат да патуваат и видете дали може да се организирате заедно.
Прво место на кое можете да побарате добри цени за сместување е Booking кој нуди најголем избор на апартмани, хотели и друг тип сместување со најширок ранг на цени. Задолжително пребарајте и на AirBnb, каде може да најдете уште поевтино сместување од Booking.
Доколку најдете соодветно сместување на Booking, пред да резервирате пронајдете го веб-сајтот на сместувањето и проверете дали доколку резервирате директно кај нив може да добиете подобра цена.
Бонус совет: Сместувањето во близина наместо во самиот ски-центар е мошне поевтино, а добар дел од овие места имаат добро организиран и евтин (некогаш бесплатен) превоз до ски центарот.
Како до најповолна цена за ски карта
Оваа ставка е најтешка за обезбедување добар попуст, од едноставна причина што не постои избор ниту конкуренција – за еден ски центар постои само една ски карта и една цена за истата. Сепак и тука постојат начини како да не ја платите полната цена.
Првата варијанта веќе ја споменавме, а тоа е да ја купите картата преку некоја од ски-школите. Делумен попуст можете да добиете во одредени скијалишта за купување на 5 или повеќе карти одеднаш, и овие попусти најчесто одат меѓу 5 и 15% од цената на картата, во зависност од крајниот број на купени карти. Повеќедневната карта исто така носи одреден попуст
Исто така, проверете го сајтот Liftopia каде се објавуваат попусти на картите во ски-центрите низ целиот свет и каде може да најдете попусти, кои се движат во просек околу 10%.
Некогаш заштедата во делот на ски-картите може да ја направите така што ќе направете ден или два пауза. Имајте предвид дека должината на патеките во ски-центирите на Алпите е мошне голема, па скијањето без чести паузи е прилично физички напорно и и скијање 6 дена по ред бара добра физичка подготовка.
Бонус совет: Постојат повеќедневни карти кои ви нудат можност да скијате онолку дена за колку ќе платите, но тоа не мора да е последователно. На пример можете да земете карта „4 од 6“. Оваа карта е ценовно речиси иста со 4 дневна карта, а сепак ви ја дава слободата на 6-дневна карта, поточно можност да одберете кои денови ќе скијате.
Каде уште можам да заштедам?
На скијање се јаде повеќе од вообичаеното, а храната знае да биде голема ставка доколку не ја испланирате добро. Доколку багажот дозволува, понесете дел од храната со вас. Остатокот докупете го во некој од хипер-маркетите кои се со мошне достапни цени. Кога ќе скијате во ранецот понесете сендвичи и вода.
Разгледајте ја варијантата на изнајмување на скии на лице место, бидејќи некогаш тоа може да биде поефтино од транспортот на скиите со авион. Исто така, доколку буџетот ви е ограничен, не се залетувајте со трошење на нова опрема – подобро е да позајмите кацига и наочари од пријател и да си дозволите незаборавно скијање на алпите, одошто да ја прошетате новата опрема до Маврово.
Побарајте ја официјалната веб страница на ски-центарот во кој ќе се решите да одите и побарајте ја секцијата Настани. Во овие места, кога сезоната е активна, редовно се организираат културно-забавни активности кои можете да ги посетите бесплатно со што ќе заштедите на потенцијални влезници а сепак ќе имате можност да се запознаете со локалната култура и обичаи.
Има многу ставки на кои можете да заштедите. Иако некогаш оваа заштеда ќе биде мала, вкупните мали заштеди лесно се претвораат во голема заштеда на целата цена на аранжманот.
Бонус совет: Доколку се решите за ски-патување на Алпите, а во вашето друштво има некој кој убаво пишува и сака да ги сподели најубавите моменти од патувањето во текст за Мој Пријател, ние ќе го покриеме патничкото осигурување за вашето друштво.
За крај, направивме една пресметка која ќе ви даде некаков увид во тоа како се движат цените и која би била крајната математика за едно поскромно патување до алпите во сопствена режија.
Авионски карти
Скопје – Мемингем – Скопје (9 -16 март WizzAir) = 1.200 МКД
Голем кабински багаж за двата правца = 1.300 МКД
Превоз на ски опрема за двата правца = 3.800 МКД
Попуст на ски опрема 20-26.12 = – 900 МКД
Попуст од Скопски маратон = -1.200 МКД
Дополнителен превоз
Мемингем – Гармиш-Партенкирхен повратна со воз = 2.400 МКД
Ски карти
2 х 2 целодневни за непоследователни денови = 9.100 МКД
Сместување
Апартман за 4 лица преку AirBnb – 7 ноќевања по човек = 7.200 МКД
Вкупно = 22.900 МКД