Секоја култура, секоја држава, секое гратче си има своја уникатност. Норвежаните се смирени и скромни, Сингапурците и Малезијците имаат силна визија и се работливи. а Полинезијците имаат јака и силна енергија, вели блогерот Борко Наумовски кој од 50те земји што ги има посетено до сега, најмногу како личност го променил Бразил и неговите луѓе.

Бразил е држава на фудбалот, дом на самбата, нација на капуерата, но пред сѐ Бразил е земја со најсреќните луѓе на светот и во четирите месеци додека бродот на кој што работев крстареше низ Бразилските градови јас пробав да ја дознаам која е тајната на неверојатната среќа и радост на Бразилците- вели тој.

Како Магистер по Интеркултурна Комуникација, Борко направил истражување на Бразил и издвојува неколку главни елементи кои ги прават Бразилците најсреќни луѓе на планетата земја.

За бразилците животот секогаш е забава 

Првиот главен фактор за среќата на Бразилците е забавата, којашто е неразделен дел од Бразилското општество и начин на функционирање.  Музиката, забавата, и танцот се во крвта на секој Бразилец, сите се весели и секогаш насмеани без разлика на околностите. Само една насмевка или по некое пиво и сите се разиграни, вели Борко, кој успеал да се забавува и на најпознатите карневали во Рио и Салвадор Бахија.

Карневалите се период од неколку недели, па и месеци кога Бразилците ги забораваат сите животни проблеми и танцуваат. Танцот е интегрален дел од забавата, а и од животот на Бразилците и знам дека најголемиот дел од вас се запознаени главно со бразилската самба, но во изминативе 10 години и посебно последниве две, три има еден нов Бразилски музички и танц правец наречен – фанки, раскажува тој.

Позитивен начин на изразување

Начинот на поздравување во Бразил е уникатен и позитивен.  Нивните изрази се позитивни и смирени, па така секое утро започнува со: „белеза“ што значи убавина, а одговорот на тоа често е „транкуиљо“ – што значи смирено/мир. Позитивни зборови и изреки- позитивни луѓе.

Прифаќање на различностите

Бразил отсекогаш бил отворен за имигранти и после секоја Светска или Регионална Војна, Бразил широко ги отворал своите врати за сите бегалци па така денес е една од најразноликите култури во светот.

Во Бразил не е битно дали си црнец или белец, дали си Јапонец или Кинез, не се битни политички партии, не е битно кој колку пари има, во Бразил има место за сите.

  • Според зборовите на моите бројни Бразилски пријатели, во Бразил како и во секоја држава постои дискриминација, но сепак тие истакнаа дека за разлика од други места, во Бразил е многу полесно секој да биде свој, и има голема отвореност секој да биде прифатен без разлика на религија, раса, пол, сексуална припадност или други карактеристии, вели Борко.

Уметност

Целиот Бразил е еден отворен театар, отворена престстава на таленти и уметност. Во Бразил сите се креатори, на секој чекор има уметничка приказна. Пејачи, сликари, занаетчии, “песочни архитекти“. Јас добив впечаток дека во Бразил сите живеат во детството, сите се уметници, сите се креативни, сите се весели и најбитно сите се среќни – го опишува своето искуство тој.

Светските истражувања покажуваат дека креативните луѓе и уметниците имаат  75% помалку стрес, и дека за 23% повеќе водат посреќен живот…

Борко заклучува: тоа што ги прави Бразилците посебни и најсреќни е фактот дека животот може сѐ да им фрли во лице – тага, ропство, насилство, немаштија, глад, смрт, корумпирани политичари, а тие се способни сето тоа да го трансформираат во радост, слобода, капуера, уметност, песна и токму тоа ги прави најсреќните луѓе на светот .

На нас останува да научиме од Бразилците и секој ден сѐ што ќе ни се случи да го трансформираме во убавина, радост, позитивна енергија и среќа- вели Борко на крајот од неговиот блог. Истиот можете во целост да го прочитате и да ги погледнете интересните видеа на следниов линк.