Што претставува Каско полисата, од што го штити твоето возило и на што да обрнеш внимание при вадењето. Примери од секојдневието кои ја потврдуваат важноста на Каското.
Што претставува полисата за Каско осигурување?
За да ја разбереме важноста на Каско осигурувањето, потребно е да го имаме на ум следниов пример. Сите знаеме дека секој автомобил регистриран за сообраќај мора да биде осигурен, односно дека за да добиете печат во сообраќајната мора да поседувате полиса. Меѓутоа, само малкумина точно знаат каква е таа полиса и од што нѐ осигурува.
Полисата за регистрација е всушност полиса за осигурување од автомобилска одговорност, што значи дека со неа се осигурува вашата одговорност како возач во случај да нанесете штета на трето лице. Во тој случај, наместо вас како причинител, трошоците за поправка ги сноси осигурителната компанија.
Но, кој ќе го поправи вашиот автомобил? Полисата за автоодговорност се однесува само на возилото на оштетениот, а не и на возилото на причинителот. Токму тука доаѓа до израз важноста на Каско полисата. Каско полисата ги покрива штетите исклучиво на возилото на осигуреникот, кои настанале како последица на негова или туѓа одговорност, или на виша сила.
Полиса за автоодговорност – ги покрива трошоците за поправка на туѓо возило на кое со вашето возило сте му причиниле штета наместо вас.
Полиса за Каско осигурување – ги покрива трошоците за поправка на вашето возило
Кои ризици се опфатени со Каско осигурувањето?
Со Каското можете да го заштитите Вашето возило од уништување или оштетување предизвикано од следните ризици:
Сообраќајна незгода, кражба и противправно одземање, злонамерни постапки, пожар, удар на гром, експлозија, пад или удар на некој предмет врз возилото, временски непогоди (луња, поплава, град, лавина), манифестации и демонстрации.
Во зависност од избраниот пакет за Каско осигурување, вашата полиса ќе ги опфаќа сите или дел од овие ризици. Точното значење на овие ризици, кои ситуации се опфатени со нив и исклучоците од осигурување можете да ги најдете во Условите на осигурувањето кои осигурувачот е должен да ви ги даде на увид при склучувањето на осигурувањето.
Важно е да знаете што точно покрива вашата полиса за да немате недоразбирања со осигурителната компанија во случај на штетен настан.
Како се утврдува цената на полисата?
Цената на полисата зависи од следниве параметри:
- Новонабавната цена на возилото
- Избраното осигурително покритие (т.е. пакетот кој ќе го изберете)
- Дали полисата ќе биде со или без франшиза (учество на осигуреникот во штетата)
- Попустите што можете да ги добиете ако сте немале штети изминатите години и ако полисата за автоодговорност е во компанијата во која го вадите каското.
Што во случај на штета?
Во случај на настаната штета од ризик кој е опфатен со каско полисата, а посебно кога штетата е предизвикана од пожар, експлозија, кражба, противправно одземање, вандализам и сообраќајна незгода за која не може да се искористи европскиот записник кој се користи за мали оштетувања – задолжително истата ја пријавувате во полиција веднаш. Полициската белешка или записник е најдобриот доказ врз основа на кој осигурителната компанија ќе даде основ за исплата на штетата и затоа освен во случај кога може да се направи европски записник, секогаш повикајте полиција.
Во меѓувреме преземете ги сите мерки кои сте во можност, за спречување на натамошни оштетувања и одстранување или намалување на штетата. Штета ја пријавувате задолжително и во осигурителната компанија, најдобро веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена од настанувањето на штетата. До увидот од страна на предстваникот на осигурителната компанија не интервенирајте врз оштетените делови.
По пријавување на штетата, од страна на осигурителната компанија ќе добиете инструкции за понатамошно постапување. Најчесто, по увидот и проценката од страна на осигурителната компанија, од таму ќе ве упатат во овластен сервис за да биде извршена поправка на возилото, за која компанијата ќе ги подмири трошоците. Доколку вашата каско полиса е со франшиза, тогаш вие имате обврска сами да го подмирите оној дел колку што изнесува франшизата (најчесто 200 или 400 евра).
Постои можност автомобилот да го поправите сами или во сервис по свој избор и во тој случај компанијата ќе ви понуди одредена сума, која доколку се согласите со износот ќе ви биде директно исплатена на вашата трансакциска сметка.
Што е франшиза?
Франшиза е учество на осигуреникот во штетата. На пример доколку пријавената штета е проценета на 1000 евра, а франшизата во полисата е 200 евра, тогаш осигурителната компанија ќе покрие 800 евра од штетата (вкупниот износ намален за франшизата). Поволноста на франшизата за осигуреникот е дека таа драстично ја намалува цената на полисата, а за компанијата дека се штити од пријавување на ситни штети како гребаници и минорни оштетувања.
Што во случај на тотална штета или кражба?
Во случај кога возилото е украдено или поправката е економски неисплатлива (поправката чини повеќе од пазарната вредност на автомобилот), тогаш се пресметува надомест еднаков на пазарната вредност на автомобилот во моментот, и од него се одбива франшизата (доколку има), како и вредноста на сочуваните делови.
Кога немате право на надомест по основ на каско полисата?
Во условите на осигурување се наведени исклучоците од осигурување и важно е да сте запознаени со нив. Најчесто овие исклучоци се однесуваат на случаи кога со возилото се управува во услови недозволени со законот – т.е. под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанци, како и во случај на војна, терористички акти или нуклеарна експлозија.
Што доколку го продадете автомобилот додека Каското се уште важи?
Правата од каско полисата не се пренесуваат на нвиот сопственик во случај да го продадете автомобилот. Но, можете да ја прекинете полисата во случај кога го продавате автомобилот и тогаш имате право на поврат на средствата за неискористените денови од полисата. Затоа, доколку купувате половен автомобил и продавачот како поволност го истакнува поседувањето каско полиса, важно е да знаете дека таа нема да се пренесе на вас како нов сопственик.