Југоисточна Азија е еден од најмагичните региони на планетава. Земјите тука се преполни со прекрасни плажи, историски храмови, вчудовидувачки џунгли и раздвижени градови … па, како да изберете каде да одите, а истовремено да останете здрави и безбедни?
Подготвивме совети што ќе ви помогнат да го испланирате и уживате во првото патување кон Југоисточна Азија.
- Изберете неколку земји или градови во регионот и држете се до нив. Секако убаво е да се посети и види што повеќе на едно патување во Југоисточна Азија, но многу подобро е да се забави и да се внесете во културата на една земја, наместо да се исцрпите себеси постојано патувајќи од едно на друго место. На пример, Бали, Индонезија и Ханој, Виетнам се во Југоисточна Азија, но се оддалечени еден од друг со седумчасовен лет! Затоа е многу подобро да се сконцентрирате и посетите места кои се релативно близу или се лесно достапни со непрекинати летови или директни возови. Мудро користете го времето за патување и ќе можете целосно да се опуштите и уживате во убавините на Југоисточна Азија.
- Проверете ги барањата за виза и бидете подготвени. Неколку земји од Југоисточна Азија бараат вашиот пасош да биде валиден најмалку шест месеци или да има одреден број празни страници. На пример, виза за нашите граѓани е потребна за Мјанмар (Бурма) и за Бутан, за Виетнам можете да извадите е-виза, но виза не е потребна за Индонезија и Малезија.
Исто така, носете дополнителни формулари за влез и излез од секоја држава, во случај да направите излез, а потоа да сакате повторно да влезете со автобус, брод или воз. Соодветните формулари ќе ви заштедат многу време наместо да чекате во ред. - Кога ја посетувате Југоисточна Азија, обидете се да спакувате лесна гардероба што ќе можете да ја исперете каде и да одите, наместо да носите ранец со прекумерна тежина или тежок куфер на тркалца. Во повеќето земји од Југоисточна Азија, облеката можете да ја исперете, исушите и испеглате за помалку од 24 часа, а за само неколку долари, на уличните пазари, можете ефтино да купите дополнителна облека и тоалети што ви требаат.
Што треба да понесете со себе? За посета на храмови, потребна ви е скромна облека што ги покрива колената и рамената. Исто така, вооружете се со комплет за прва помош, мала светилка, лекови за стомак (на пр. електролити ), гел за дезинфекција на раце и пакувања со марамици (понекогаш тоалетите не се опремени со тоалетна хартија). И бидејќи хотелите речиси никогаш немаат доволно приклучоци, спакувајте мал продолжен кабел што ќе ви овозможи да вклучите неколку електронски уреди наеднаш. - Заштитете го вашето здравје. Пред да патувате во одделни земји, проверете ги нивните барања и препораки за вакцини – и потоа, вакцинирајте се. Кога патувате во која било азиска земја, вакцините против тетанус и беснило се добра идеја, бидејќи можно е да стапите во контакт со ‘рѓосани предмети и кучиња скитници. Во прилог на сите потребни вакцини, побарајте силен спреј против комарци, бидејќи може да ви помогне во заштита од треска и маларија.
- Обидете се со алтернативни начини на патување. Користењето на возовите, нискобуџетните авиокомпании и фериботите е одличен начин да заштедите пари додека се движите од едно на друго место. Автобусите се генерално најефтин начин на транспорт во земјите од Југоисточна Азија, но имајте ги предвид измамите за патувања и бидете свесни дека може да наидете на нечистотија, прашина, непријатни (или едноставно чудни) мириси, гужви, трнливи патишта и многу повеќе. Фериботите исто така можат да бидат преполни, но се брза, ефтина и директна форма на патување помеѓу островите, и иако најчесто се спори, возовите се забавен начин да се истражат и видат земјите. Иако не можете да ги споредите со патувањата со такси- бродчињата, речните крстарења знаат да бидат луксузни, пејзажни и одличен начин на транспорт.
- Изнајмете скутер на сопствен ризик. Скутерот можеби е одличен начин да се развозите наоколу, но не заборавајте дека во некои земји од Југоисточна Азија ќе треба да возите на левата страна од патот, да се соочите со интензивен сообраќај, ридови, криви, нечисти или песочни патишта, бесни таксисти – и најлошо од сè, други странци кои не се запознаени со овие услови, а возат скутери. Иако повеќето локални жители и туристи не носат шлемови, препорачуваме задолжително да го сторите тоа.
Дополнителен совет: Пред да изнајмите скутер, бидете сигурни дека агентот за изнајмување ве гледа како детално го фотографирате и/или снимате видео од скутерот и гласно укажувате на гребнатинки или други недостатоци. Иако изнајмувањата на скутери честопати се само неколку долари на ден, измамите за враќање на скутерите се вообичаени, при што агентот за изнајмување ќе инсистира дека вие сте го изгребале или на друг начин сте го оштетиле нивниот скутер, и ќе ви наплати стотици (па дури и илјадници) долари за штетата пред да ви го врати пасошот.